Линкови за пристапност

Одложен новиот визен режим со Албанија


Новата визна политика кон државјаните на Република Албанија е одложена. Ова го соопшти македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, кој не ја исклучува можноста преговорите да завршат и со целосно укинување на визниот режим:

-Има една добра комуникација на ниво на кабинетите на премиерите на двете држави и врз основа на тоа мислам дека се постигнуваат и таквите позициии ќе се работи во таа насока.

Новиот режим со кој се предвидуваше визи да се издаваат само во амбасадата во Тирана, наместо досегашниот на самата граница, требаше да стартува од денеска, но по барање на албанските власти е одложено до 15 февруари, и во меѓувреме, следната недела ќе продолжат преговорите за конечно решавање на проблемот.

Денешното одложување опозицијата го оценува како несериозна владина политика и вештачко создавање проблеми, за да се добие впечаток дека Владата ги решава, велат Јани Макрадули и Џевад Адеми:

-Тоа е една Владата без кормилар, каде секоја партија си прави што сака.

-Требаше на нозе да се дигне цела јавност, бизнис лоби, градоначалниците од пограничните градови од сите етнички заедници, опозицијата, за Владата да увиди дека чекорот со најавување на воведување визи со Албанија е најапсурден чекор што оваа Влада го има направено.

Според објаснувањето од МНР, новата визна политика спрема Република Албанија е дел од измените на Законот за странци, и е во согласност со препораките од Европската комисија во делот на интегрираното гранично управување, како услов за целосна визна либерализација за РМ со ЕУ.

XS
SM
MD
LG