Линкови за пристапност

Еленовски во очекување на партиска разврска


„Прво да расчистиме внатре во партијата, па потоа јавно ќе одговорам на сите прашања“. Вака министерот за одбрана Лазар Еленовски одговори на новинарските прашања за коментар на барањето на лидерот Тито Петковски за негова оставка, по хеликоптерската несреќа.

Еленовски кој наместо денеска, како што беше најавено, од посетата на Турција се врати синоќа, препукувањата во Новата социјалдемократска партија ги нарече навреди и разочарувања. Во меѓувреме, за синоќа закажаната седница на партиското раководство, беше поместена за до крајот на оваа недела:

-Без разлика на тие, за жал, навреди и разочарувања кои се случија овие денови, јас сепак ќе почекам да дојде седницата на Извршниот одбор, бидејќи за жал денеска не знам од кои причини е одложена, како што беше одложена и во понеделникот. Можеби на тоа донекаде влијаеше и враќањето од Турција бидејќи беше планирано за утре и тогаш да ги отвориме сите прашања. Потоа ќе кажам во јавноста за сите тие прашања и за морал и за одговорност и за реформи и за етика и за сето тоа.

Официјално, причина за одложувањето на седницата на Извршниот одбор е отсуството на неколку негови членови. Се очекува дебата по повеќе прашања, особено по јавните истапи на двајцата пратениците кои не се согласуваат со политиката на лидерот Петковски, Веле Митаноски и Мирјана Секоловска.

Петковски на прес конференцијата во средата, посредно му сугерираше на Еленовски да си поднесе оставка, како морален чин за падот на армискиот хеликоптер во кој загинаа 11- мината мировници.

Една од варијантите е да се договори оставка на Еленовски, но дури по Самитот во Букурешт, на кој се очекува покана за Македонија за членство во Алијансата.

XS
SM
MD
LG