Горан Гаврилов, сопственикот на радио мрежата Канал 77 знае кој го нападнал ноќта меѓу 25 и 26 јануари и крвнички го претепа. Со видливи повреди на рацете, нозете и на главата, Гаврилов на денешната прес конференција посочи две варијанти за тоа кој би можел да ја нарача, како што рече, неговата ликвидација.
Не сака да објавува имиња, тоа и го остава на полицијата, но посочува дека се работи за случаи поврзани со медумите, едниот за авторски права, а другиот за кабелски оператор:
- Не само јас, целата фела во радиодифузијата од неколку субјекти кои работевме на еден случај, и разговаравме со Советот за радиодифузија и легално поднесовме барање до државата да се отстрани, имаше закани и непријатни ситуации.
Зачуден е што полицијата овој случај го оквалификувала како нанесување тешки телесни повреди, а не обид за убиство, бидејќи Гаврилов е убеден дека двете маскрирани лица, облечени во црни униформи, чизми и ракавици, со бели амблеми на ракавите, требале да го ликвидираат, бидејќи едниот дури пукал кон него. Во дворот влегоа со вперен пиштол и ми се обратија на штипски дијалект, вели Гаврилов. „Лежи доле ќе те убијам“, му рекол едниот од нив.
-Јас не легнав, се скрив зад автомобилот и почнав да бегам. Кога јас се тргнав од местото, тие пукаа. По бегањето и бркањето околу автомобилот, прво ме удрија во рамото, па ме удрија во коленото, по што ме соборија и почнаа крвнички да ме удираат по главата.
Откако Гаврилов повикал помош и од куќата излегле неговата сопруга и татко му, двете маскирани лица полека излегле од дворот. По информациите дека вештачењето на чаурата пронајдена на местото на нападот покажало дека такво оружје не се користи во Македонија, Гаврилов ја исклучува можноста за вмешаност на странски мафии во настанот.