Линкови за пристапност

Турбуленции во НСДП


Новата социјалдемократска партија или ќе се консолидира,или ќе се распадне. Taква е состојбата во партијата на Тито Петковски по неколкуте случувања и скандали поврзани со високи партиски функционери, од кои најновиот е за фалсификуваната универзитетска диплома на државниот секретар во Министерството за одбрана Љиљана Стериовска, инаку близок соработник на Петковски.

Јавноста се потсмева, членството е шокирано. Веле Митаноски, пратеник на НСДП, и еден од нејзините основачи, предупредува дека доколку партијата не успее да се консолидира, тешко дека ќе може да опстои:

-За мене се случуваат грди работи. Имам чувство дека за жал сме на потсмев кај јавноста. Дека членството е возбудено, не може да се скрие, дека е изненадено, да не кажам шокирано од сето ова што се случува.

Митаноски признава дека во врвот на партијата постои нетрпеливост. Последниот скандал ја отсликува ситуацијата во Извршниот комитет на НСДП. Иван Анастасовски му се заканил на министерот за одбрана Лазар Еленовски дека физички ќе се пресмета со него, откако овој се спротивставил на изборот на Анастасовски за потпретседател на партијата.

Постои и разединување во пратеничката група. Митаноски вели дека досегашниот коориднатор на пратеничката група и генерален секретар на партијата Горан Мисовски не соработува со сите пратеници:

- Причините не можам да ги скријам дека се во несоработката со некои од пратениците каде, за волја на вистината, спаѓам и јас, а како ќе се одвиваат работите натаму, не знам, би сакал да се стави точка на сево ова.

Митаноски не верува дека случајот со државниот секретар во Министерството за одбрана негативно ќе се одрази на односите во коалицијата. Не знае дали лидерот Петковски знаел за фалсификуваната диплома на Стериовска, бидејќи биле, како што вели, најблиски соработници. Пратеникот на НСДП наслушнал и дека се подготвувал терен за разрешување на министерот Еленовски, што смета дека ќе биде поразително за партијата. Сега е време за консолидација, а не за отворање нови рани, коментира Митаноски.

Во НСДП немаат коментар за турбуленциите. Се подготвувале за Конгресот закажан за 22 март:

- Ние како политичка партија сме процениле дека денеска нема потреба да даваме изјава, заради тоа што претседателот ме информираше дека се што требало да каже во јавноста, го соопштил пред неколку дена, вели секретарот Мисовски.

XS
SM
MD
LG