Линкови за пристапност

Последно годишно обраќање на Буш во Конгресот


Џорџ Буш се задржа на прашањата што ќе го дефинираат неговиот учинок на функцијата претседател, како војната во Ирак и одлуката да испрати дополнителни 30 илјади војници во оваа земја.

-Некои можеби порекнуваат дека засилувањето даде резултати, но затоа меѓу терористите нема сомневање. Ал-Каида е во бегство во Ирак, и непријателот ќе биде поразен, кажа првиот човек на САД, често прекинуван со аплаузи од публиката составена од врвот на трите гранки на власта.

Речиси половина од говорот беше посветен на надворешната политика, а голем дел од тоа на Блискиот Исток. Американскиот претседател се надева на израелско-палестински мировен договор. На иранската влада и` порача да биде искрена за нуклеарните намери и минати постапки, да го запре угнетувањето дома и поддршката за тероризмот во странство.

-САД ќе ги поддржат сојузниците и ќе ги бранат своите витални интереси во Персискиот Залив, рече Буш.

На домашен план, уважувајќи дека многумина Американци се загрижени за забавениот економски растеж, Буш го повика Конгресот да го усвои пакетот економски стимулации што Белата куќа деновиве го изготви во соработка со обете партии во Претставничкиот дом. Од Конгресот побара и да даде одобрение за продолжеток на програмата што и` овозможува на владата тајно да ја надгледува комуникацијата на Американци со лица осомничени за тероризам во странство, без претходен судски налог.

Во име на демократите на говорот со свое обраќање реагираше гувернерката на Канзас Катлин Сибелиус:

- Вечерашното обраќање го означува почетокот на последната година на претседателскиот мандат, со нови лидери на хоризонтот и неизвесност ширум нашата земја. Условите во кои сме, дома и во странство, серезултат на направените избори и неодговорените предизвици, кажа Сибелиус, која го повика Буш да се приклучи на демократите во промена на курсот во Ирак и справување со економските проблеми. Според Сибелиус, САД треба да ја вратат својата улога во светот и да водат поефикасна војна против тероризмот.

XS
SM
MD
LG