Линкови за пристапност

СЗО:  кризите во светот го попречуват здравството


Генералната директорка на Светската здравствена организација Маргарет Чен изјави дека нестабилноста во светот претставува закана по напредокот во јавното здравство. Чен направи преглед на глобалната здравствена ситуација во поздравниот говор пред 34-члениот Извршен одбор на СЗО, кој неделава дискутира за глобални здравствени прашања.

Чен изнесе генерално оптимистички поглед на глобалната здравствена ситуација. Има добри причини за оптимизам, но:

- Гледаме некои очигледни докази за заканата по здравјето што доаѓа од нестабилноста и граѓанските немири. Таквите услови ги попречуваат рутинските здравствени услуги и ги компромитираат специјалните иницијативи, како што на повеќепати видовме со искоренувањето на детската парализа. Особено сум загрижена за ситуацијата во Кенија, каде е потребна итна помош за да продолжат рутинските здравствени услуги и програми против вирусот Хив, маларијата, туберкулозата и други заболувања.

Доктор Чен е загрижена и за Палестинците во Газа, откако Израел ги затвори граничните премини како реакција на ракетните напади од милитанти во Газа, а што резултираше во прекин на доставата на гориво.

Таа рече дека попречувањето на основните услуги паѓа врз грбот на луѓе кои имаат потреба од итна медицинска нега и кои страдаат од хронични болести.

Меѓу добрите вести, таа спомена дека епидемијата на СИДА најверојатно го минала врвот и дека ретровиралната терапија резултира во помал број смртни случаи, но предупреди дека универзалниот пристап кон овој третман се` уште е далечна цел. Според Чен, резултати дале и обидите за контрола на тубекулозата. По деценија на стабилен пораст, ситуацијата во одредени делови на светот се стабилизирала, а можеби е и во опаѓање. Но, доктор Чен предочува дека туберкулозата и натаму е голем убиец, одговорен за смртта на околу 1,4 милиони луѓе годишно – случаи што инаку можеле да се излекуваат.

Од најголемите предизвици во иднина директорката на СЗО ги наведе новите болести со потенцијал да се развијат во епидемија. Таа подвлече дека птичјиот грип се` уште е присутен и дека земјите мора да бидат на штрек и да бидат подготвени во случај на негово ширење.

XS
SM
MD
LG