Линкови за пристапност

Македонија треба најпрво да ги исполни домашните задачи за влез во евро-атланските институции


Излагање на проф. Наум Пановски од Колеџот Роуд Ајланд на тема: Македонија и нејзините пречки на патот кон ЕУ

Македонија треба најпрво да ги исполни домашните задачи за влез во евро-атланските институции

Професорот Наум Пановски, вонреден професор на Колеџот Роуд Ајленд имаше излагање во Институтот Вудроу Вилсон на тема: - Македонија и пречките на патот кон ЕУ. Тој ги критикуваше македонските политичари - и од власта и од опозицијата - дека не ги спроведуваат реформите за исполнување на критериумите за членство во ЕУ и НАТО.

Домашната задача не е завршена за да бараме да станеме дел од Европа, смета Пановски и додава дека наместо обединување, се случува разединување на народот поради изјави на угледни политичари од власта и опозицијата. Внатрепартиските интереси и меѓусебните префрлувања во Македонија ја чинат нацијата уназадување на патот кон ЕУ, смета Пановски.

„Оној момент кога македонската политичка елита ќе ги заврши домашните обврски спрема себе, а потоа и кон Европа, тогаш ќе има охрабрувачки шанси и ќе има аргументи да веруваме и со оптимизам да гледаме кон ЕУ и НАТО“

Професорот Пановски не смета дека прашањето со разликите околу името е пречка за добивање датум за преговори со ЕУ. Не верува дека таа тема може да биде „јаболко на раздорот“ во односите Македонија - ЕУ:

- „Проблемот со името е повеќе проблем на ЕУ отколку на Македонија. ЕУ треба да најде правично решение во тој однос. Проблемот е наметнат затоа што Грција не сака да го признае името и има ксенофобски однос спрема Македонија, но и кон останатите во регионот. Тие се сериозни прашања во доменот на човековите права - кои Европа треба да ги реши.

Големиот процент на поддршка меѓу анкетираните во Македонија за влез во ЕУ и НАТО, Пановски го објаснува со желба на Македонија да ги оствари вековните стремежи во еден отворен свет да биде рамноправна членка на ЕУ или на Европа – како заедница на културни и цивилизирани народи.

XS
SM
MD
LG