Линкови за пристапност

Во Македонија мали подобрувања на политичките права и граѓански слободи


2007-ма ја одбележа значително уназадување во глобалните слободи, објави независната невладина организација Фридом Хаус во Вашингтон во својот годишен извештај за состојбата со политичките права и граѓански слободи.

Опаѓањето на политичките права и граѓански слободи ширум светот е најмногу изразено во Јужна Азија, но исто така и во некои земји од поранешниот Советски сојуз, Блискиот исток, Северна и суб-сахарска Африка. Во извештајот на Фридом Хаус се посочува дека има значителен број политички важни држави, чие опаѓање на слободата има значителни регионални и глобални импликации, како Русија, Пакистан, Кенија, Нигерија и Венецуела.

Како што истакна директорот на истражувањето на Фридом Хаус, Арч Падингтон, голем број држави кои претходно покажале напредок бележат уназадување, додека некои од влијателните држави кои се окарактеризирани под графата како неслободни - не покажале знаци на подобрување. Ова е втора година по ред во која истражувањето регистрираше глобално опаѓање на почитувањето на политичките права и граѓански слободи. Фридом хаус ги рангира земјите како слободни, делумно слободни и неслободни.

Фридом хаус ја рангира Македонија меѓу 60-те земји во кои има делумна слобода. Соња Кели од њујоршката канцеларија на Фридом хаус за Гласот на Америка на македонски вели:

- Македонија има мали подобрувања во политичките права и граѓанските слободи. Сепак, тие не се значително доволни за да уследи промена во рангирањето. Реформите во областа на антикорупцијата и економските мерки постигнаа извесен успех. Поради тоа, ја поздравуваме македонската влада и ја охрабруваме да продолжи со работата. Нашите анализи покажаа дека државните институции во борбата против корупцијата покажаа силна определба во напорите. Соработката меѓу нив и јавниот обвинител е подобрена. Сето ова водеше кон поголем број покренати обвиненија.

Генерално, за земјите од Централна и Источна Европа се посочува дека продолжуваат да се движат напред во процесот на демократска консолидација. Полска покажала незначителен напредок, додека Летонија и Босна и Херцеговина бележат благо опаѓање.

Според Фридом, 36 проценти од светската популација живее во неслободни општества, додека 46 отсто се дел од слободниот свет. 18 проценти живеат во делумно слободни општества.

XS
SM
MD
LG