Научниците од Лабораторијата за применета физика во Мериленд при Универзитетот Џон Хопкинс неделава будно го следат сателитот Месинџер додека минува на далечина од 200 километри од Меркур.
Последен пат летало направено од човекот го посети Меркур пред 33 години – кога Маринер 10 на НАСА мина крај планетата. Главен истражувач во тимот задолжен за Месинџер е Шон Соломон:
- Маринер 10 откри неколку важни нешта, но остави неодговорени многу важни прашања за планетата. Маринер 10 виде помалку од половина од неа со своите визуелни системи. Го откри магнетното поле на Меркур, но не одговори зошто планетата има такво поле, кога поголемите планети го имаат изгубено.
При прелетувањето, сателитот голем колку работна маса ја снима површината на планетата, собирајќи податоци. Ова се некои од првите прикази на Меркур.
Месинџер ќе продолжи со патот покрај Венера и Земјата, каде ќе биде потпомогнат од гравитацијата, за на крај да забави и почне да кружи околу Меркур во 2011. Леталото има инструменти што ќе ја измерат атмосферската хемија.
- Кога ќе влеземе во орбитата, ќе правиме мапи на составот на Меркур, вели Соломон.
Тој додава дека научниците очекуваат Месинџер да даде одговори на прашања со кои планетарните научници се бават со децении.