Линкови за пристапност

САД загрижени за терористичката закана од Европа


Според американскиот секретар за домашна безбедност Мајкл Чертоф, САД се изложени на зголемена закана од терористички напади од Западна Европа. Од Лондон, за Гласот на Америка, извештај на Тендаи Мафоса.

Чертоф за Би-Би-Си посочи на подемот на таканаречениот домашен тероризам во Европа и предупреди дека Западна Европа се` повеќе би можела да претставува плодна почва за создавање на терористи. САД, вели, Чертоф, разгледуваат зајакнати мерки на безбедност, како проверка на патници кои доаѓаат во САД од Западна Европа. Тој смета дека таквите мерки се неопходни:

- Имаме програма за влез без виза за повеќето Европејци кои патуваат во САД како туристи. Тоа значи дека со нив првпат се среќаваме дури кога ќе пристигнат во САД, што остава многу мал простор за нивна проверка.

Четроф не кажа точно какви мерки би можеле да бидат преземени, но потенцираше дека ќе се води грижа да нема штетно влијание по патувањето и бизнисот меѓу Западна Европа и САД. Американскиот секретар за домашна безбедност посочи на терористичките напади во Мадрид и Лондон, како и на спречените напади во Британија, како на доказ дека терористите се` почесто ја земаат Европа за цел и платформа за своите напади.

Аналитичарот Мајкл Кокс од Лондонската школа за економија за Гласот на Америка изјави дека иако ја разбира американската загриженост, не верува дека САД ќе појдат толку далеку да побараат визи за патниците од Западна Европа:

- Нема да ја укинат програмата за влез без виза. Премногу е тешко да го сторат тоа, а да не пратат погрешен политички сигнал. Тоа значитечно ќе го забави протокот. САД наместо тоа ќе побараат патниците да се пријават пред да патуваат, 48 или 72 часа, преку компјутерски систем што овозможува нивна проверка.

Кокс не верува дека тоа, доколку стане реалност, би имало големи последици по европско-американските односи.

XS
SM
MD
LG