На блискоисточната турнеја, американскиот претседателел го повика Израел да стави крај на окупацијата на териториите заземени во војната во 1967-ма, како и Израелците и Палестинците да направат големи отстапки потребни за склучување на мировен договор:
- Остваривме добри средби и време е да донесеме тешки одлуки, изјави Буш.
По дводневни разговори со израелски и палестински официјални лица, претседателот верува дека обете страни се решени да постигнат договор со кој ќе постојат две држави, една покрај друга, во мир и безбедност:
- Треба да биде ставен крај на окупацијата која почна во 1967-ма. Договорот мора да воспостави Палестина како татковина на палестинскиот народ, исто како Израел е татковина на еврејскиот народ.
Мировните разговори мора да водат до безбедни, признати и одбранливи граници на Израел, и до одржлива, соседна и суверена палестинска држава, вели Буш, кој смета дека формирањето на палестинска држава ќе ја подобри стабилноста во регионот.
Израел ги анектираше Западниот Брег, Источен Ерусалим и Појасот Газа во 1967-ма за време на Шестдневната војна. Буш призна дека иднината на Ерусалим е тешко прашање, затоа што обете страни тврдат дека е нивен главен град:
- Обете страни се чувствуваат длабоко политички и верски засегнати. Знам дека пронаоѓањето на решение за ова прашање ќе биде едно од најголемите предизвици на патот кон мирот, но тоа е патот по кој избравме да одиме.
Буш верува дека ќе биде потпишан мировен договор меѓу Израел и Палестинците пред тој да замине од функцијата во 2009-та.