Линкови за пристапност

Што по  Њу Хемпшир?


Американската претседателска кампања тргна по неочекувана патека за сенаторот Хилари Клинтон. Таа победи во Њу Хемпшир и покрај предвидувањата дека ќе изгуби. Победата на сенаторот Џон МекКеин беше попредвидлива.


Викендот пред гласањето, сенаторката Хилари Клинтон во истражувањата на јавно мислење заостануваше со двоцифрена бројка зад сенаторот Барак Обама. Но победата во Њу Хемпшир на поранешната прва американска дама и` донесе познато чувство. Нејзиниот сопруг Бил Клинтон како млад претседателски кандидат токму во Њу Хемпшир го доби прекарот „камбек кид“.


-Исто вака се чувствував во 1992-ра кога аналитичарите велеа – “готово е“ за мојот сопруг. Но, гласачите на Њу Хемпшир се изразито независни.

Нејзината победа беше за два проценти. Во саботата, на дебата со другите демократски кандидати, Клинтон беше жестока:


-Правењето промена не е за тоа во што вие верувате, не е за убави говори, туку е за макотрпна работа.

На сугестијата од модераторот дека таа можеби не им се допаѓа толку на гласачите колку Обама, таа покажа друга страна:

-Тоа ми ги повредува чувствата...


Но, и самата призна дека можеби солзите што се појавија во нејзините очи ги освоија жените:

-Некои мислат дека изборите се игра - кој е горе, а кој доле. Се работи за државата. Се работи за иднината на нашите деца.

Анкетите покажуваат дека постарите жени во големо мнозинство се определиле за Клинтон. Том Ман од Брукингс Институтот тоа вака го објаснува:


-Хилари Клинтон - која ги загуби женските гласови во Ајова – сега драматично ја промени ситуацијата. Ја зголеми поддршката и меѓу високообразованите гласачи – но главно пресвртот го направија факултетски образованите жени.

Кај републиканците, сенаторот МекКеин се обидува да ја искористи победата во Њу Хемпшир за добивање предност во наредната станица - економски депресираниот Мичиген - играјќи на карта на изгубените работни места:

-Пирјатели мои, дел од работните места што ја напуштија државата Мичиген нема да се вратат.

Аналитичарите велат – тоа добро звучи за оние кои сакаат искреност.


XS
SM
MD
LG