Линкови за пристапност

СДСМ: Договорот на Владата и ОКТА е штетен за државата


Нов корупциски скандал на Владата на ВМРО ДПМНЕ - вака опозицијата го оценува договорот меѓу македонската Влада и ОКТА за порамнување на долгот кон рафинеријата, што произлезе по пресудата од парискиот суд.

Со новогодишниот договор, Македонија станува единствената држава во светот каде цената на бензините ќе зависат од расположението на газдите на една рафинерија, а Владата ќе биде во улога на регулатор, тврдат во СДСМ.

Игор Ивановски на прес конференцијата рече дека со договорот склучен на 31 декември минатата година, Владата дозволила ОКТА во иднина да ги зголемува цените на горивото. Тој го посочи членот 6 од договорот, каде се вели дека ОКТА може да ги коригира цените за да се заштити од евентуални загуби и да го зачува својот профит:

- Цената на бензините, дизелот и мазутот нема да зависи само од цената на нафтата на светските берзи, туку и од расположението и одлуките на газдите на ОКТА, колку ќе ја покачат производната цена на сите деривати. Со ваквиот новогодишен договор, Владата ја презема улогата на независната регулаторна комисија. Со тоа растењето на цените на дериватите во иднина ќе оди на товар исклучиво на Владата.

Со договорот не се менува ништо од досегашните обврски на двете страни, вели владиниот портпарол Ивица Боцевски:

- Доколку се прочита целосно овој параграф од Спогодбата ќе се види дека тој параграф упатува на членот од основниот договор каде што Владата, односно РМ има преземено обврски кон ОКТА во однос на формирањето на цената.

По неколумесечни преговори, воочи Нова година, Владата и ОКТА се договорија наместо оштетата од 94 милиони долари што Македонија треба да и ги плати на ОКТА, Рафинеријата да добие 40 милиони долари и уште 18 месеци да може произведува дервати по стариот правилник.

XS
SM
MD
LG