Израелскиот премиер Ехуд Олмерт тврди дека и Израелците, и палестинските лидери сериозно се обидуваат да постигнат мировен договор. Џорџ Буш, пак, со пораки и до обете страни за склучување траен мир.
По тричасовната средба со Буш, Олмерт вчера призна дека постојат тешкотии во преговарачкиот процес, подвлекувајќи дека ќе биде тешко да се постигне согласност се` додека има милитантни закани од појасот Газа, што е под контрола на милитантната група Хамас.
Претседателот Буш кажа дека обете страни мора да донесат тешки одлуки, но дека ова е историска можност за постигнување на дводржавно решение што предвидува постоење на палестинска држава напоредно со Израел, и тоа во мир и соработка. Буш рече дека Израел мора ги отстрани доселеничките населби, а Палестинците мора ги запрат терористичките напади.
Говорејќи, пак, за врската меѓу САД и Израел, Буш на самото пристигање кажа дека таа е цврста и дека нејзиниот корен е во заедничката верба во моќта на човековата слобода:
- Ќе сториме повеќе отколку да се браниме. Ќе бараме траен мир. Гледаме нова шанса за мир во Светата земја и шанса за мир ширум регионот.
Израелскиот премиер Олмерт го пречека американскиот гостин со пофалба:
- Од самиот почеток, вашата политика го одразува основното разбирање на предизвиците со кои се соочува Израел во овој немирен регион, како и цврста заложба за нашата национална безбедност.
Израелскиот претседател Шимон Перес, чија функција е претежно церемонијална, рече дека Буш е во право што бара светот да внимава на заканата од Иран:
- Го послушавме вашиот совет да не ја потценуваме иранската закана. Иран не треба да ја потценува нашата решеност на самоодбрана.
Посетата на Буш беше проследена со протести на најмалку пет илјади симпатизери на Хамас во Газа, кои скандираа - Смрт за Америка и палеа американски и израелски знамиња. Ултра-десничарските израелски групи, пак, го критикуваа Буш дека е премногу помирлив во однос на Палестинците.