Линкови за пристапност

Претседателски избори САД 2008-ма:  Клинтон и Мекејн во подем по победите во Њу Хемпшир


Спротивно на прогнозите во анкетите, сентаорката Хилари Клинтон го освои првото место меѓу демократите на прелиминарните избори во Њу Хемпшир. Гласањето во оваа сојузна држава го означи и повратокот на сенаторот Џон Мекејн, кој победи кај републиканците. Овие две „камбек“-победи придонесоа натамошната трка за влез во Белата куќа, низ наредната серија прелиминарни избори и партиски изборни состаноци по сојузните држави, да биде крајно неизвесна и возбудлива.

Клинтон во ТВ-настапите по победата во Њу Хемпшир очигледно зрачеше со задоволство што оствари победа над претпоставениот фаворит, сенаторот од Илиноис Барак Обама. Многумина експерти сметаат дека победата се должи на тоа што Клинтон ја покажа својата емотивна страна – нејзините очи ненадејно се насолзија кога на предизборен митинг една жена ја запраша – како се справува со изборниот стрес:

- Почувствував дека конечно разбираме дека во основа се работи за она што го правиме еден за друг, дали се слушаме, дали се грижиме еден за друг.

Првите постизборни анализи покажуваат дека жените во голем број гласале за Клинтон. Барак Обама oстануваа оптимист и покрај неочекуваното второ место во до крај неизвесната трка. Го повторува својот лајтмотив – во земјата има голема желба за нова насока, а на гласачите им порача:

- Упативте јасна порака дека во овој момент, во овие избори, нешто навистина се случува во Америка.

На републиканска страна, „камбек“ на сенаторот од Аризона Џон Мекејн, чија кампања претрпе штета поради неговата поддршка за војната во Ирак и сеопфатната реформа на имиграционите закони. Мекејн е видливо задоволен:

- Кога експертите не` прогласија за готови, им реков: Одам во Њу Хемпшир, каде гласачите не дозволуваат друг да решава наместо нив.

Зад Мекејн се поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни, кој веќе на второ прелиминарно гласање не успева да победи иако беше фаворит во анкетите, и поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби. Кандидатите веќе ја насочија кампањата во сојузните држави каде продолжува серијата прелиминарни избори: Невада и Јужна Каролина. Или, како што вели самиот демократски кандидат Џон Едвардс, кој го освои третото место во Њу Хемпшир, битката за претседателските избори во ноември годинава - само што започнала.

XS
SM
MD
LG