Линкови за пристапност

Избори во Њу Хемпшир:  „камбек“ на Клинтон и Мекејн


Во до крај неизвесна тесна трка против сенаторот од Илиноис Барак Обама што се одолжи до раните утрински часови, Клинтон извојува победа со мошне мала разлика во гласовите. Ова претставува повраток за поранешната прва американска дама, а сегашна сенаторка од Њујорк, која на минатонеделните партиски изборни состаноци во Ајова, што го означија почетокот на сезоната прелиминарни избори, заврши на третото место, зад Обама и сенаторот Џон Едвардс.

И кај републиканците „камбек“ - сенаторот од Аризона Џон Мекејн подобар од поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни. Минатата недела во Ајова Мекејн беше дури на третото место.

Невообичаено топлото време за овој дел од годината и големиот интерес на гласачите придонесоа за голем одзив на изборите. Во Њу Хемпшир кандидатите особено водеа битка за независните гласачи, каде тие сочинуваат 40 проценти од гласачкото тело.

Прелиминарните избори по сојузни држави се мошне значаен чекор за влез во Белата куќа преку кој се издвојуваат партиските кандидати за претседателските избори. До крајот на јануари на ред се гласања во сојузните држави Мичиген, Невада, Јужна Каролина и Флорида, а веќе на 5-ти февруари, прелиминарни избори и партиски изборни состаноци во преку 20 сојузни држави во еден ден - таканаречен „супер вторник“. Процесот ќе кулминира со демократските и републикански национални конвенции во август и септември, на кои и ќе бидат истакнати партиските кандидати кои ќе се соочат на директните претседателски избори што ќе се одржат во ноември годинава.

XS
SM
MD
LG