Линкови за пристапност

Буш и Ѓул разговараа за курдските бунтовници во северен Ирак


Претседателот Буш рече дека Турција е конструктивен мост меѓу Европа и исламскиот свет и голем стратешки партнер на САД:

-Делиме заеднички проблеми. Еден од нив е борбата против заедничкиот непријател, а тоа се терористите. Таков заеднички непријател е Курдистанската работничка партија. Тие се непријатели на Турција, на Ирак и на луѓето кои сакаат да живеат во мир.

САД и Турција ја сметаат Курдистанската работничка партија - ПКК за терористичка група. Турските сили неодамна лансираа меѓу-гранични напади во северен Ирак против курдските бунтовници. САД соопштија дека и дале поддршка на Турција со разузнавачки информации за ПКК.

Оваа партија се бори за автономија за југоисточниот дел на Турција, каде претежно живеат Курди уште од 1984-та. Во насилството досега загинале преку 30.000 лица.

Претседателот Ѓул му се заблагодари на претседателот Буш за неговата определба против ПКК, и континуираната поддршка на Вашингтон за напорите на Истанбул за влез во ЕУ.

Зборувајќи преку преведувач, претседателот Ѓул соопшти дека дискутирале и за безбедноста на енергетските ресурси и израелско-палестинските мировни напори:

-Претседателот е ангажиран во напорите за обезбедување мир на Блискиот исток и веруваме дека ова се важни напори кои ќе дадат резултати. Исто така дискутиравме за Ирак и ќе продолжиме да дискутираме за прашања како Ирак, Балканот и други теми.

За време на престојот на Блискиот исток неделава, претседателот Буш ќе го посети Израел, Западниот Брег, Кувајт, Бахраин, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Египет. Освен што ќе се обиде да собере поддршка за разговорите чија цел е независна палестинска држава, претседателот Буш вели дека ќе дискутира за напорите за спротивставување со, како што кажа, агресивните амбиции на Иран.

Вашингтон вели дека Иран збогатува ураниум за евентуална употреба за нуклеарно оружје. Техеран вели дека програмата е исклучиво за мирољубиви цивилни цели за производство на струја.

XS
SM
MD
LG