Линкови за пристапност

САД бараат објаснување од Иран за инцидентот во Ормутскиот Теснец


САД бараат Иран да даде објаснување за инцидентот рано во неделата во стратешкиот Ормутски Теснец меѓу Иран и Обединетите Арапски Емирати, инаку едедн од клучните правци за испорака на нафта. Пентагон тврди дека пет мали ирански брода направиле агресивен маневар кон три брода на американската морнарица, и за малку било избегнато американските бродови да отворат оган.

Според портпаролот на Пентагон, иранските бродови во неделата на изгрејсонце со голема брзина се приближиле до американските во меѓународните води и направиле заканувачки движења и радио-трансмисии:

- Три брода на американската морнарица минувале низ теснецот кога биле пресретнати од пет брзи чамци - според проценките ирански - а еден од нив видливо наоружан. Чамците направиле агресивни маневри и индицирале непријателски намери.

Американската морнарица соопшти дека иранските бродови им пришле на американските со голема брзина, исфрлиле некои предмети во вода и преку радио се заканиле дека американските бродови „ќе експлодираат во следните неколку минути“. Витман вели дека иранските потези предизвикале реакција од американска страна:

- Како резултат на ова, нашите бродови издадоа предупредување и направија некои маневри за да ги избегнат иранските. Американските бродови беа подготвени да преземат соодветни мерки, но не дејствуваа врз иранските бродови.

Витман не даде детали од безбедносни причини, но други официјални лица велат дека командантот на еден од американските бродови бил подготвен да издаде наредба да се стрела врз еден од иранските бродови, кога тој наеднаш се свртел и заминал. Витман кажа и дека во инцидентот што траел 20-на минути немало повредени на американска страна, како и дека американските бродови биле на пат за Персискиот Залив, да се придружат на коалиционите сили.

Белата куќа го окарактеризира иранскиот потег како провокативен и кажа дека таквите потенцијално опасни активности треба да запрат. Во Пентагон, Брајан Витман даде сличен коментар:

- Ова е сериозен инцидент, посекако безобзирен, опасен и потенцијално непријателски маневар. Не знам која им беше целта. Јасно е дека ова заслужува објаснување и дека треба веднаш да се воздржат од вакви потези.

Во Стејт департментот, портпаролот Шон Мекормак рече дека „САД ќе се спротистават на иранското однесување“ кога тоа е потенцијално штетно, како и дека во регионот постои „широка поддршка“ за таквата политика. Мекормак кажа и дека САД сакаат да ги охрабрат разумните елементи во иранската влада да ја придвижат земјата кон поконструктивна ролја во меѓународните прашања.

XS
SM
MD
LG