Само неколку дена пред посетата, деветмина Палестинци беа убиени, а 30 беа повредени во Газа кога израелските тенкови се судрија со милитанти. Израел соопшти дека нападнал во знал на одмазда за претходен палестински ракетен напад. Насилството се заканува да го засени постигнатото на блиско-источната конференција во САД кон крајот на минатата година, кога израелските и плаестински претставници се договорија преку редовни средби да работат на изнаоѓање мир во регионот.
Советникот за национална безбедност Стивен Хедли вели:
-Тие луѓе кои промовираат екстремизам и користат тероризам ќе се обидат да го попречат процесот бидејќи тој функционира, бидејќи води кон една мирна Палестина што би постоела веднаш до Израел, а тие не го сакаат тоа.
Хедли најавува дека Буш на сите станици од турнејата ќе побара и поддршка за американската политика кон Ирак, Либан и Иран.
-Претседателот во приватни разговори ќе укаже дека разбираме каков предизвик претставува Иран и дека пријателите и сојузниците може да сметаат на нашата посветеност на регионот.
Џон Алтерман, аналитичар од Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања смета дека целите на претседателот се премногу амбициозни:
-Претседателот Буш повеќе не се обидува од далечина да го трансформира Блискиот исток. Тој се обидува да управува со работите на засилен начин, преку вршење притисок врз лидерите на приватни средби. Попатно ќе има мал успех, но проблемите се премногу длабоки и разновидни за да може да се решат со едно патување.
Неговиот колега од истата организација Ентони Кордсман наведува дека преодниот период во САД со претседателските избори во 2008-ма може да биде пречка:
-Проблемот е што сегашниот претседател наскоро ќе замине од функцијата, а новиот нема да има своја група соработници до 2009-та.
Сепак, претседателот Буш се надева дека ќе може да издејствува дво-државно решение за Блискиот Исток - со постоење на палестинска држава напоредно со израелската - пред да му истече мандатот.