Линкови за пристапност

Македонија треба да вложува во програмери


Проектот „Македонија се поврзува“, финансиран од УСАИД и на чие чело беше Глен Строн , на Македонија и` го даде приматот „прва wireless Интернет-земја во светот. Со него разговаравме во Вашингтон, каде работи во моментов.

Реализацијата на проектот започна во 2004-та по иницијатива на УСАИД, го спроведуваше компанијата Академија за образовен развој - АЕД, а заврши кон крајот на 2007-ма. Неговиот тогашен директор Глен Строн, сега консултант на компанијата Си-Ејч-Еф Интернешанл во Вашингтон, вели дека првичната идеја била поврзување на 460-те основни и средни училишта во Македонија со Интернет, но дека предизвикот бил да се најде одржливо решение поради монополската позиција на „Македонски телекомуникации“ врз Интернет врската:

-Училиштата никогаш нема да бидат во можност да плаќаат 200 долари месечно, но затоа може да си дозволат 20. Значи, остварувањето на целта беше можно само ако падне цената на Интернетот. Видовме дека таа во Македонија падна за 90 проценти.

Проектот не бил само образовен, коментира Строн:

-Прерасна во нешто поголемо. 95 проценти од земјата ја покривме со безжичен Интернет. Но, со тоа му најавивме на остатокот на светот дека во Македонија постои интерес за изучување на информатичката технологија.

Строн смета дека Владата треба да вложи во образование на програмери кои подоцна ќе бидат конкурентни на пазарот на ЕУ:

-Мислам дека најдобар правец за Македонија е да го следи патот на Романија, а тоа е вложување во програмери, кои подоцна станаа достапна работна сила за ЕУ. Програмерите во Романија сега заработуваат од 1.100 до 1.500 евра месечно, слично е и во Словачка. Владата на Македонија треба да каже дека тоа е тоа во што ќе вложува. А во Македонија има добро образовани студенти кои се способни да го изучуваат програмирањето.

XS
SM
MD
LG