Од провокативен до објективна слика за состојбата во државата. Вакви се рекациите на власта и на опозицијата на годишното обраќање на претседателот на државата Бранко Црвенковски.
По две години бојкот, обраќањето на претседателот во собраниската сала денеска го следеа и пратеници од ВМРО ДПМНЕ, но и премиерот Никола Груевски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски. Поважни ни се државните интереси, вели министерот Милошоски.
-Државните интереси ни се поважни во овој момент кога се приближуваме кон НАТО, од нерегуларните избори за претседател што се случија кога г-динот Црвенковски нелегитимно го доби мандатот, со полнење на кутии и со употреба на насилство. Би сакал во овој момент да истакнам дека ставот на ВМРО ДПМНЕ во однос на неговиот спорен легитимитет е непроменет, а во однос на пораките и содржината на неговиот говор, сметаме дека народот е доволно зрел за да оцени што тој сакаше да и порача на сопствената земја.
Помалите партии од парламентарното мнозинство со остри критики на говорот на претседателот. Тоа беше говор на поделби, на исфрустриран политичар и слично беа нивните оценки:
- Тоа не беше говор на сплотување туку говор на разделување, говор на опозициски лидер на предизборен митинг.
- Слушнавме еден говор на исфрустриран политичар, еден гласноговорник на опозицијата и мислам дека сосема е извесно дека граѓаните ќе проценат дека претседателот на државата не ги штити нашите државни и национални интереси, велат Лилјана Поповска и Павле Трајанов
Неговиот довчерашен сопартиец сега лидер на владејачката НСДП Тито Петковски очекувал повеќе самокритичност од претседателот Црвенковски:
- За мене лично беше разочарувачки што и претседателот на државата не успеа малку да излезе од сопственото клише кое го практикува со години наназад, многу повеќе да кажува што кој друг треба да работи, а не слушнав ниту еден збор „јас погрешив, не требаше така, или мислев дека поинаку ќе требаше некои работи да се постават“, за да можеме навистина да говориме за одговорен однос на шеф на државата кој објективно треба да е персонификација на нацијата и да биде еден сублимат на желбите и очекувањата на граѓаните
Опозицијата е задоволна од она што на граѓаните им го порача Црвенковски. Говорот го оценуваат како реална слика на состојбата во државата, а со критики до власта:
-Присуството само на премиерот и на двајца министри и на секој четврти вмро-вски пратеник покажуваат дека повторно тоа била политичка одлука во која што сосема легитимно свое место има и одлуката на Мендух Тачи да не присуствува неговата партија на говорот.
-Самото обраќање го ценувам како објективно претставување на ситуацијата во РМ, со јасни пораки што треба да направиме во овој последен момент на нашата интеграција во НАТО и понатаму за евроинтеграциите.
-Ние не треба да се помируваме, треба да работиме во интерес на земјата. Мислам дека тоа е обврска на сите политички субјекти кои се претставени во Собранието, оценија Јани Марадули, Роза Топузова Каревска и Рафиз Алити