Линкови за пристапност

Лидерска средба за приоритетите за ЕУ и НАТО


15- тиот член на Републичкиот судски совет ќе биде Насер Ахметагиќ, а законите што се приоритет за евроинтегрирањето ќе бидат донесени во првата работна недела од јануари. Ова е договорено на денешната средба на претставниците на четирите најголеми партии во Македонија, на чија агенда беа приоритетните закони за ЕУ и НАТО.

Премиерот и лидер на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски по средбата изјави дека владејачкото мнозинство повторно попуштило и го прифатиле предлогот на претседателот Бранко Црвенковски за комплетирање на Судскиот совет.

-Ова ќе оди на една седница со повеќе кадровски прашања во пакет, најверојатно во петок следната недела или наредниот понеделник, доколку не се стигне. На таа седница ќе поминат членот на Судскиот совет, потпретседател на Собрание, државниот ревизор, рекомпонирање на Комитетот со г-динот Оровчанец, националниот совет и една одлука за градба што треба да се направи, исто, кадровска промена.

Опозицијата се согласила преостанатите развојни закони да бидат донесени на почетокот на следната година, но со извесни забелешки.

-Сметаме дека некои од законите коишто се предлагаат од Владата, како што се на пример, законот за градба, законот за градежно земјиште и некои други важни закони, се спорни за нас, затоа што ќе ја зголемат можноста за корупција и за криминал, вели Радмила Шеќеринска.

Бараат договореното меѓу ДУИ и ВМРО - ДПМНЕ од мај годинава, прво да се усогласи на билатерално ниво, а потоа да биде презентирано во Парламентот.

Не станало збор за најавите на ДУИ за решавање на прашањето со екс припадниците на ОНА и жртвите од конфликтот. Имер Селмани од ДПА тврди дека таков договор немало.

Џевад Адеми од ДУИ пак најави дека нова ваква средба ќе се одржи на 21 декември, кога на дневен ред ќе бидат преостанатите европски закони, но и спорните прашања за кои се залага ДУИ.

XS
SM
MD
LG