Линкови за пристапност

Ал Гор ги криви САД за ќорсокакот на Климатската конференција на ОН во Индонезија


Во емотивно набиен говор, често прекинуван со аплауз, поранешниот американски претседател го искористи насловот на својот документарен филм за глобалното затоплување – „Непријатна вистина“, за да каже дека САД го блокираат напредокот на конференцијата:

- Ќе кажам непријатна вистина. САД - мојата сопствена земја, е првенствено одговорна за опструкција на напредокот на оваа конференција во Бали. Сите го знаеме тоа. Сите.

Гор ги повикал делегатите да минат преку тоа и да постигнат договор без САД:

- Можни се две нешта: фрустрацијата што ја чувствувате да ја насочите кон САД, или пак да одлучите да појдете напред и да ја завршите тешката задача пред вас.

Гор им порача на делегатите дека американскиот став за климатските промени најверојатно ќе се промени по претседателските избори 2008-ма.

Портпаролот на Белата куќа Дејна Перино реагираше дека коментарите на Гор “не се конструктивни“ во однос на разговорите што се водат на конференцијата. Таа додаде дека не само САД изразуваат „загриженост и изненаденост“ дека нацрт-документот конкретно содржи за колку треба да биде намалено испуштањето на гасови штетни по озонската обвивка. Европската унија и мнозинството од 190-те земји на конференцијата во Бали се за тоа индустријализираните земји да го намалат испуштањето за 25 до 40 проценти.

Европската унија дури се закани дека ќе ги бојкотира разговорите за глобалното затоплување што во организација на САД ќе се одржат наредниот месец, обвинувајќи го официјален Вашингтон дека ја блокира целта за големо намалување на загаденоста. Главниот претставник на ОН за климатски промени Ив де Бер рече дека ќорсокакот во кој западнаа САД и ЕУ се заканува да ја исфрли од колосек средбата што според планот треба да заврши утре.

Целта на конференцијата беше да се зацртаат насоки за договарање на нов глобален договор за климатските промени, по можност до 2009-та, што би го заменил Протоколот од Кјото, чиј рок истекува во 2012-та. Договорот од Кјото налага богатите земји да ги намалат штетните гасови за 5% споредено со нивото од 1990-та.

XS
SM
MD
LG