Линкови за пристапност

Владата го повлече спорниот Етички кодекс


Владата ќе ја повтори целата постапка за донесување Етички кодекс на владините членови и носителите на јавни функции.

Портпаролот Ивица Боцевски во денешната писмена изјава вели дека „на вчерашната седница имајќи ги предвид сугестиите, оценките и критиките од експертите, академската заедница, медиумите, институциите и политичките партии, а пред се од аспект на противутавноста на одредбите на кодексот, Владата одлучи да ја повтори целата постапка за донесување на Етичкиот кодекс“.

Боцевски вели дека пред да биде промовиран конечниот текст, документот повторно ќе биде разгледан во сите фази на владино одлучување.

-За време на траењето на функцијата, министрите треба стручно, совесно и одговорно да ја вршат својата функција во интерес на граѓаните на РМ, треба да се посветени на функцијата како на основна и единствена должност, да избегнуваат секаков судир помеѓу приватниот интерес и функцијата што ја вршат“,се вели меѓу другото во неодaмна промовираниот Етички кодекс.

Според одредбите, министрите не треба да го злоупотребуваат своето влијание во партиски цели при назначување на лица за извршување на определени функции и да нема меѓање на приватните интереси со вршењето на министерската функција.

Нема ниту примање скапи подароци, задоволување на интересите на роднините или услуги на граѓаните. Се што е спротивно на ова, ќе повлече и политичка одговорност на министерот, предвидува Кодексот.

Она што најмногу предизвика реакции беше забраната на носителите на јавни функции да се појавуваат во улога на автори на колумни во медиумите. Опозицијата ова го спореди со времето на едноумието.

XS
SM
MD
LG