Линкови за пристапност

Почна со работа фабриката на „Џонсон контролс“во Македонија


Со пуштање во работа на првата од шесте производствени линии, премиерот Никола Груевски, денес свечено ја отвори фабриката за внатрешна автомобилска електроника на американската компанија Џонсон Контролс во слободната економска зона Бунарџик во близина на Скопје. Со тоа, и покрај пролонгирањето на првичниот рок за старт на работата на фабриката, Груевски го исполни ветувањето дадено на неговиот прв работен ден како премиер на делегацијата на Џонсон Контролс, дека Владата ќе ги направи сите можни чекори за да нема никакви пречки во реализацијата на овој проект.

Новата фабрика ќе произведува електронска опрема за автомобили која од Македонија ќе се продава на германскиот и на францускиот пазар, но и во неколку други држави во светот и во неа во првата фаза ќе бидат вработени 150 работници, за со планираните дополнителни вложувања бројот на вработени да достигне 500.

Џонсон контролс официјално влезе во Македонија на почетокот на октомври, откако македонската влада ги исполни обврските за комплетно инфраструктурно подготвување на теренот за градба - на парцелата со површина од 4.000 квадратни метри во зоната Бунарџик. Владата наводно се обврзала и на обезбедување на буџетски средства за дообука на вработените, за што вкупно ќе бидат потрошени околу 6 милиони евра. Но, за пошироката јавност останаа непознати олеснувања кои државата и ги овозможи на американската компанија, а кои имаа улога во конечната одлука на Џонсон контролс за инвестиција во Македонија, иако со своја понуда конкурираше и Полска.

Џонсон контролс е водечки светски производител на седишта, акумулатори и други делови за внатрешно опремување на автомобили, кој соработува со речиси сите гиганти на автомобилската индустрија, има над 100 илјади вработени, 250 претставништва во светот и годишен обрт од 20 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG