Една владина кампања чини околу 400 илјади евра. Ова го тврди премиерот Никола Груевски по обвинувањата на опозицијата и на невладините организации за трошење големи суми пари за рекламирања од кои нема ефекти. 400-тините илјада евра, според Груевски ги покриваат сите трошоци, од, како што вели А до Ш, за една кампања. Толку ќе чини и најновата за купување македонски производи што е во подготовка.
- Отприлика еве сега што се подготвува, една идна кампања би чинела околу 400.000 евра. Се на се, заедно со средствата што се даваат на медиумите, подготовката на телевизиските спотови, она што се дава во весниците, значи се комплет од А до Ш, чини приближно околу 400 илјади евра. Горе - долу толку чини една кампања што сега се подготвува за купување на домашни производи. Во тие рамки се повеќето кампањи.
15 милиони евра - толку според опозицијата потрошила Владата во изминатата година за рекламирање, по разни основи. Една од нив е и кампањата Инвестирајте во Македонија за што беше откупен простор во најреномираните светски медиуми.
Груевски тврди дека сумата ни приближно не е толкава. Сето тоа го оценува како шпекулација.
- Се е тоа предмет на контроли што ги прават надлежните органи, Државниот завод за ревизија, Внатрешната ревизија, практично, се е регуларно, се работи за партиски човек на опозиционата партија, така што тоа се паушални суми, тоа е се што излегува од вакви експоненти кои ја претставуваат опозицијата и работат за неа.
За средствата потрошени за кампањата Инвестирајте во Македонија од која најмногу се очекува, Груевски вели дека ќе се оправдаат со само една инвестиција, и ефектите ги најавува за догодина.