Линкови за пристапност

Се продлабочува контроверзата по уништените видео ленти од Гвантанамо


Претседателот на сенатската разузнавачка комисија – демократот Џеј Рокфелер од Западна Вирџинија вели дека Хајден ќе се појави пред неговата комисија во вторник да зборува на тема испрашување и техники на испрашување.

За време на појавувањето на телевизиската програма на СиБиЕс „Соочете се со нацијата“ Рокфелер кажа дека членовите имаат многу прашања за уништените видеоленти. Меѓу другото, дали на нив имало нешта што тие не сакале да бидат видени, нешто што не е во согласност со она што генералниот правобранител би им дозволил да прават, вели тој.

Рокфелер индицираше дека седницата ќе биде зад затворени врати, за да им дозволи на законодавците да навлезат во области што сеуште се сметаат за врвни тајни и имаат врска со специфични испрашувачки процедури.

Директорот на ЦИА го откри уништувањето на лентите минатиот четврток, откако разбрал дека нивното постоење било откриено од медиумите.


Лентите биле направени во 2002 и покажувале испрашување на главните осомничени за тероризам.

Уништени биле во 2005, и конгресните критичари тврдат дека тоа може да се квалификува како уништување на законски докази и опструкција на правдата.


Демократот Џозеф Бајден од Делавер, претседател на сенатската комисија за односи со странство и поранешен претседател на законодавната комисија вели дека прелиминарното заедничко испитување на Одделот за правда и ЦИА соопштено во саботата не е доволно.

Бајден, кој се кандидира за претседател од Демократската партија, беше интервјуиран на ЕјБиСи телевизијата за емисијата „Оваа недела“. Тој тогаш кажа дека „ Хајден не треба да биде судија за тоа дали неговото одобрение за уништување на лентите било законско“. Бајден вели дека во случајот може да се работи за опструкција на правдата, за уништување на докази, и дека тоа е една од оние инстанци кога според него е потребен специјален советник.

Хајден на вработените на ЦИА во четвртокот им кажа дека лентите биле уништени од страв дека ако станеле јавни идентитетот на испрашувачите ќе се откриел и нивните животи може да се доведат во опасност.


Претседателот Буш на разузнавањето му дал одобрение да употребува засилени техники на испрашување за осомничените за тероризам по 11 септември 2001, кога беа нападите на САД.


Администрацијата на Буш одби да специфицира кои методи биле користени. Но критичарите велат дека некои се на ниво на тортура, вклучувајќи ја и процедурата за симулирање на давење

Републиканскиот сенатор од Аризона, Џон МекКеин ја повика Белата Куќа јавно да осуди употреба на сурови техники на испрашување, на телевизиска програма Фокс Њуз Сандеј тој изјави:

-Во поширока смисла ова уште еднаш му нанесува штета на кредибилитетот и моралните стандарди на Америка. Во светот ќе има скептицизам и цинизам за тоа како ги третираме затворениците и дали практикуваме тортура или не.

Сенаторот МекКеин, поранешен виетнамски воен затвореник, е еден од најгласните членови на Конгресот по прашањето за третманот на притворените во војната против теророт. Тој води кампања за претседателска номинација од Републиканската партија.

XS
SM
MD
LG