Верската припадност и кампањата за претседателски избори во САД 2008-ма: републиканскиот кандидат Мит Ромни вели неговата мормонска вероисповед нема да влијае на неговите одлуки на функцијата, доколку победи во трката за Белата куќа.
Текст: Ромни се огласи во контекст на анкетите што покажуваат јавна резервираност кон идејата припадник на Мормонската црква да стане претседател:
- Не ја дефинирам кандидатурата според мојата вероисповед. Личноста не треба ниту да се избира, ниту да се отфрла поради вероисповедта.
Ромни вети дека доколку наредната година победи во трката за Белата куќа, ќе го стави интересот на земјата пред својата црква:
- Доколку бидам таа среќа да станам претседател, нема да служам на ниту една религија, ниту една група, ниту една кауза, ниту еден интерес. Претседателот мора да служи само на заедничката кауза на луѓето во САД.
Има околу 13 милиони мормони во светот, а приближно половина живеат во САД. Тие во основа ја прифаќаат Библијата, но следат и верувања од сопствениот свет текст, Книгата на мормоните. Некои христијани го сметаат мормонството за култ, а анкетите во текот на минатата година сугерираа дека меѓу четвртина и третина гласачи би поразмислиле дали да подржат мормон како кандидат за претседател.
Во сојузната држава Ајова, каде веќе на 3 јануари ќе се одржат прелиминарни партиски избори за претседателските кандидати, Мит Ромни е на второ место меѓу републиканците, веднаш зад Мајк Хакаби, поранешен гувернер на Арканзас и некогашен баптистички свештеник. Тој е на прво место во Њу Хемпшир, каде прелиминарните избори се на 8 јануари.
Некои политички аналитичари го споредуваат случајот на Ромни со Џон Кенеди, кој во предиборната кампања во 1960-та изјави:
- Верувам во Америка каде поделбата меѓу црквата и државата е апсолутна.
Кенеди беше кандидат за претседател од редовите на Демократската партија. Тој се обидуваше да ги смири стравувањата дека Римокатоличката црква ќе добие големо влијание доколку биде избран за претседател:
- Јас не сум католички кандидат за претседател, туку кандидат на Демократската партија кој исто така е католик. Јас не говорам во име на мојата црква за јавни работи, и црквата не говори во мое име.
Кенеди оствари тесна победа против Никсон на изборите во 1960, и многумина аналитичари веруваат дека токму вавите изјави му помогнаа да победи.