Линкови за пристапност

Буш: Техеран е пред голем избор


Претседателот Буш го држи притисокот врз Иран по американскиот разузнавачки извештај кој вели дека техеранската тајна нуклеарна програма е запрена од крајот на 2003-та.

Буш рече дека фактот што програмата е затворена не е важен колку што е важно дека некогаш постоела и може да продолжи.

Претседателот вели дека Иран, што никогаш не признал дека имал програма за производство на нуклеарно оружје, има многу за објаснување. Тој подвлече дека иранската влада е исправена пред стратешки избор:

-Тие може да излезат чисти пред меѓународната заедница во врска со нивните нуклеарни активности и целосно да ја прифатат понудата за суспендирање на процесот на збогатување ураниум, да седнат на маса за преговори или да го продолжат патот на изолација, кој не е во најдобар интерес за иранскиот народ.

Претседателот зборуваше во Омаха, Небраска, на почетокот од посетата која беше планирана да ја истакне политиката за здравствената заштита. Но, јасно беше дека кога слета на локалните аеродром - на ум му беше Иран.

Претседателот Буш рече дека државниот секретар Кондолиза Рајс и советникот за национална безбедност Стивен Хедли се консултирале со официјални лица од Британија, Германија и Русија откако беше објавен американскиот разузнавачки иазвештај. Тој рече дека постои единство за потребата од продолжување на претпазливоста:

-Тие земји разбираат дека иранското нуклеарно прашање е проблем и продолжува да биде проблем кој мора да биде разгледан од меѓународната заедница.

Белата куќа бара нов пакет санкции од ОН врз Иран. Критичарите велат дека новиот извештај не повикува на толку жестока акција.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмединеџад вели дека извештајот сугерира дека иранската нуклеарна програма е за енергија, а не за оружје. На своите поддржувачи во Техеран им рече дека Иран цврсто останува на ставот дека има право да поседува нуклеарна технологија и нема намера да отстапи.

XS
SM
MD
LG