Линкови за пристапност

Мушараф стана цивилен претседател, најави укинување на вонредната состојба


Пакистанскиот претседател Первез Мушараф даде заклетва за наредниот петгодишен мандат, еден ден откако ја напушти функцијата шеф на армијата.

Тој воедно најави дека има намера целосно да ја укине вонредната состојба на 16-ти декември и да го врати во сила пакистанскиот устав пред изборите на 8-ми јануари.

На заклетвата во претседателската палата во Исламабад, Мушараф повторуваше по Абдул Хамед Догар, главниот судија во Врховниот суд што тој самиот го избра по воведувањето на вонредна состојба на 3-ти ноември.

Мушараф доби реизбор во октомври, но политичките противници не ја признаа неговата победа, тврдејќи дека уставот не дозволува активно воено лице да биде на јавна функција. Тој во средата го одржа зборот дека ќе даде оставка од армијата пред да даде заклетва. Но, во градот Лахоре истиот ден имаше ново насилство – полицијата се судри со правниците кои протестираа против владеењето на Мушараф.

Правниците беа во првите редови и на претходните протести против одлуката за вонредна состојба, предизвикани од одлуката на Мушараф за суспензија на уставот и отстранување на судиите на Врховниот суд кои се противеа на неговиот реизбор. Главниот судија на Врховниот суд Ифтиќар Мохамед Чаундри беше меѓу отпуштените.

Во говорот по зкалетвата, Мушараф ги бранеше своите постапки:


- За жал, некои елементи на правосудството, поранешниот главен судија, се обидуваа да ја изместат демократската транзиција, и покрај сите мои благородни намери за почитување на уставот и симнување на униформата.

Опозиционите политички партии, меѓу нив и оние на поранешните премиери Беназир Буто и Наваз Шариф, се` уште го поставуваат прашањето за законитоста на реизборот на Мушараф. Речиси сите се регистрираа за парламентарните избори закажани за јануари, но се` уште се закануваат дека ќе го бојкотираат гласањето.


Претседателот кажа дека тоа нема да го спречи одржувањето на изборите:

- Изборите ќе се одржат на 8 јануари. Нема враќање, нема промени. Ова треба да го знае секој што говори за бојкот.

Тој додаде дека враќањето од егзил на Буто и на Шариф е добро за политичкото помирување во земјата.

Мушараф подвлече дека Пакистан ќе продолжи да се бори против тероризмот и екстремизмот, додавајќи дека неуспехот на тоа поле не е прифатлива опција.

XS
SM
MD
LG