Кандидатите за претседателските избори во САД од редовите на Републиканската партија вчера одржаа дебата на која една од најжешките теми беше илегалната имиграција.
На настанот во организација на Си-Ен-Ен и на кој можеа да се поставуваат прашања преку веб-страницата Ју-туб во Сент Петерсбург, сојузната држава Флорида, поранешниот градоначалник на Њујорк Руди Џулијани го обвини поранешниот гувернер на Масачусетс Мит Ромни дека вработил илегални имигранти во својата гувернерска резиденција, каде нашле засолниште.
Ромни, кој и натаму има висок рејтинг во државите Ајова и Њу Хемпшир каде ќе се одржат првите прелиминарни избори, го отфрли обвинувањето и кажа дека би било не-американски да се проверуваат документите на секое лице кое има – цитираме - „чуден акцент“.
Сенаторот Џон Мекејн, кој беше воен заробеник за време на Виетнамската војна, го употреби своето време во дебатата да проговори против тортурата на заробеници.