Линкови за пристапност

Русија:  Опозицијата се жали дека била попречена во предизборната кампања


Во недела Русите ќе излезат на парламентарни избори. На изборите им претходеше кампања чија чесност се доведува под прашање.

Во една телевизиска рекламна порака се вели дека Русија на чело со Владимир Путин ужива успех на полето на политиката, економијата, културата, науката и атлетиката. Почитувани сме и ни престојат огромни победи, се нагласува во неа, доколку гласачите ја изберат партијата Обединета Русија на чело со Путин.

Неговите поддржувачи се надеваат на победа за остварување на таканаречениот Путинов план. Но, анкетите покажуваат дека поголемиот дел од Русите не знаат што содржи тој, а кампањата на партијата не го објаснува.

Противниците на Путин велат дека планот е тој да ја одржи политичката моќ. Борис Немцов, опозиционен кандидат за парламентот од Унијата на десницата коментира:

Планот би водел до злоупотреба на функцијата, безаконие, бирократија и неконтролирана корупција. Немцов прашува зошто Путин заслужува поддршка, подвлекувајќи дека под негово раководство, Русија паднала на 142-то место во рангирањето на глобалната корупција, заедно со Зимбабве, Сиера Леоне и Нигерија.

Името на Владимир Путин е на чело на партијата Обединета Русија, иако тој не е кандидат. Членовите на партијата велат дека Путин го заслужува тоа поради подобрување на руската економија. Критичарите, пак, тврдат дека Русија како извезувач на нафта ја искористила ситуацијата со нагло покачување на глобалните енергетски цени, како и дека би можела да претрпи штета доколу тие паднат. Инфлацијата веќе е проблем во земјата.

Опозиционите партии се попречувани да ја пренесат својата порака до јавноста, бидејќи им и ускратен простор на државната телевизија. Покрај тоа, активистите ја обвинуваат владата дека конфискувала печатена литература за предизборната кампања.

Опозициониот лидер и поранешен шампион во шах Гари Каспаров ќе отслужи петдневна казна затвор заради учество на илегални демонстрации. Тој беше уапсен во саботата заедно со други опозициони активисти. Државната Централна изборна комисија и` забрани на опозиционата коалиција на Каспаров – Другата Русија да истакне кандидати на изборите.

Во меѓувреме, Организаџијата за европска безбедност и соработка, која ги набљудува изборите и слободата на опозиционите сили во своите 56 земји-членки, одби да ги набњудува изборите во Русија. ОБСЕ тврди дека руските власти навреме не издале визи на нејзините претставници. Владимир Путин, пак, го обвинува американскиот Стејт департмент дека вршел притисок на ОБСЕ за таквата одлука, во обид да ја поткопа легитимноста на руските избори.

XS
SM
MD
LG