Линкови за пристапност

Денот на благодарноста означува почеток на сезоната на празници


Празникот е ден кога Американците ги бројат своите благодети, благодарни за богатата жетва, добриот живот, семејството, пријателите. За многу Американци, Денот на благодарноста значи и оброк со печена мисирка и пире од компири, минување на времето со семејството и подготовка за шопинг за претстојната сезона на празници.

Претседателот Буш го започна празникот со традиционалното помилување на две мисирки кои ја имаа таа среќа да не завршат во чинија на некое семејство:

- Имам задача да дадам целосно претседателско помилување на Меј и Флауер кои за кусо време ќе полетаат за Дизниленд, каде ќе бидат дел од свечената парада по повод Денот на благодарноста. Се надевам дека славата нема да им удри во глава!

Традицијата ја започнал претседателот Хари Труман во 1947-ма. Имињата на мисирките од оваа година, заедно го даваат името на бродот – Мејфлауер што пред речиси 400 години од Плимут, Англија, се упатил кон новиот свет, Америка. Есента, 1621-ва, доселениците-аџии од Плимут ја прославиле плодната жетва со домородните американски Индијанци. Ова се смета за една од првите прослави на Денот на благодарноста.

Денот на благодарноста денес е празник со екстравагантни паради, гозби и почеток на шопинг за сезоната на празници при крајот на годината. Парадата цо Њујорк на ланецот стоковни куќи Мејси во Њујорк е еден од главните фестивали на Денот на благодарноста. Годинава се очекува да присуствуваат околу 2,5 милиони луѓе, додека на ТВ-екраните ќе ја проследат околу 44 милиони гледачи.

Парадата служи како потсетник дека сезоната на празници е во замав. Овој петок, многу Американци уште рано наутро ќе ги искористат попустите во продавниците ширум земјата. Лани речиси 140 милиони Американци за време на таканаречениот „црн петок“ во просек потрошија по 360 долари.

XS
SM
MD
LG