Линкови за пристапност

Приведени корумпирани наплатувачи на патарина


Пет милиони евра за четири месеци - толку наводно заработиле 29-мина инкасанти и контролори од најфреквентните наплатни рампи низ Македонија, кои од вчера се во полициските станици во Скопје. Оваа сума ја утврдило Министерството за внатрешни работи кое цело лето преку акцијата „Змиско око“, со посебни истражни мерки, меѓу кои и тајни камери, ги надгледувале инкасантите.

Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, агентите на МВР утврдиле дека наплатувачите работеле организирано со нивните контролори и со раководителите:

- Во моментите кога се прават распоредите, кој инкасант на која наплатна рампа ќе работи, согласно податоците со кои располагаат нивните претпоставени, каква е фреквенцијата на таа наплатна рампа, колку возила поминуваат, особено странски возила, бидејќи, како што гледате, опфатен е периодот на летните одмори, кога има зголемен проток особено на товарни возила, и, согласно ваквите податоци, правеле распоред на наплатните рампи. И, за некој да се најде на одредена наплатна рампа, од него се бара на некој начин да исплати аванс.

Тарифата за еден ден во кабината во зависност од фреквенцијата, шефот ја вреднувал од 3 до 15.000 евра. Операцијата била изведувана така што наплатувачите наплатувале само половина од патарината, а наместо фискални сметки, издавале бланко-ливчиња, и парите си ги земале за себе.

Досега се приведени 27-мина, а двајца се недостапни. Министерката Јанкуловска најавува испитување на потеклото на имотот на сите приведени:

- Ова е досега најголемата, најдолгата и најмасовната операција на МВР од овој вид. Таа ќе продолжи и во наредните денови, со оглед на тоа што располагаме со сознанија за инволвираност и на други лица вработени во „Македонија-пат“ во овој вид на криминал. Од наша страна ќе побараме УЈП да го испита и потеклото на имото на сите лица кои се осомничени во акцијата „Змиско око“.

Се очекува бројот на приведените корумпирани инкасанти и нивни раководители и контролори да биде многу поголем, можеби и стотина.

XS
SM
MD
LG