Линкови за пристапност

Интервју:  Кристофер Хил - осум години подоцна - „Одлично е да се биде тука“


Неделава, првиот амбасадор на САД во Македонија Кристофер Хил од македонскиот претседател Бранко Црвенковски беше одликуван со орденот „8-ми септември“ за придонесот во унапредувањето на американско-македонските односи.

Потенцирајќи дека не е во позиција да дава политички опсервации со оглед што сега се бави со друг дел од светот, амбасадорот Хил вели дека е одлично што по осум години повторно е во Македонија и дека му претставува голема чест да го добие медалот:

- Се обидов тука да работам мошне напорно како дипломат, да бидам искрен со луѓето, да ја разберам ситуацијата и да ги ислушам.

Осум години откако Американската амбасада во Скопје беше нападната, се` уште нема конкретни резултати од истрагата. Амбасадорот не сака да говори за судски случаи и истражни постапки, но сепак – дипломатски - гледа поголемо добро и покрај еден негативен настан како овој:

- Веднаш откако Амбасадата беше нападната, многу пријатели, многу Македонци се јавија да изразат загриженост, лично ме побараа, ме посетија. На еден чуден начин, по еден ужасен момент како тој, се чувствував поблиску до Македонија бидејќи толку многу луѓе ме контактираа и беа љубезни.

Дали кога заминал од Македонија, имал претстава дека меѓуетничките односи ќе ескалираат во конфликтот од 2001-та?

- Очигледно, бевме загрижени за меѓуетничките прашања. Луѓето се` уште се загрижени за тоа. Навистина, се надеваме да видиме политички процес и мислам дека тој во голема мера е воспоставен во Македонија со повеќпартискиот систем што навидум функционира. Но, некогаш чусвтвувам дека луѓето надвор од Македонија мислат само на меѓуетничките односи - што е само едно прашање. Сепак, луѓето во Македонија разбираат дека има и други прашања, а тоа е изградбата на капацитет, институции. Кога бев во Македонија работев и на тие проблеми, покрај меѓуетничките.

Дали конфликтот во Македонија можел да биде спречен? Хил вели - тешко е да се каже, а пред се`, тој не бил во Македонија во 2001-ва. Со оглед дека има минат стаж во решавањето на косовското прашање, како очекува тоа да биде разрешено?

- Не би сакал да коментирам на конкретната ситуација бидејќи сега не работам на неа. Но, можам да ви кажам дека на времето беше мошне тежок процес бидејќи се обидувавме да создадеме некаков вид на автономија, имавме план како тоа би работело, но, исто така имавме и влада во Белград со која имавме потешкотии во односите. Мислев дека има начини на кои проблемот можеше да се реши, но, за жал, не успеа.

XS
SM
MD
LG