Линкови за пристапност

ДПА ќе бара интерпелација за Јанкуловски и за Рафајловска


Демократската партија на Албанците ќе поднесе интерпелацијата за работата на вицепремиерот Живко Јанкуловски, а ќе гласа и за разрешување на министерката за економија Вера Рафајловска. Ова се новите потреси во владината коалиција по вчерашното изјаснување на Новата социјалдемократска партија за отповикување на заменик министерот за внатрешни работи Рефет Елмази кадар на ДПА.

Одлуките на ДПА да возвратат на однесувањето на НСДП ги соопшти потпретседателот на Парламентот Бесим Догани, иако тој директно не ги поврза овие два настани.

- Како прво, секторот што тој го води како вицепремиер за образование и земјоделство е крајно непотребен и само го оптоварува буџетот на РМ. Тој не е професионалец во оваа работа. Исто така самото егзистирање на овој сектор ја попречува нормалната работа на веќе постоечките министерства- за образование и за земјоделство. Крајна причина, четврта е неговото вешто манупулирање на граѓаните на Западна Македонија со шеќерната репка, каде што г-динот Јанкуловски ги субвенционираше, ги заинтригираше граѓаните на тој регион да работат на шеќерната репка, а сега има проблеми со акумулацијата на произведената шеќерна репка. Исто така тука сум да ви кажам дека ќе ја поддржиме интерпелацијата на работата на г-ѓа Вера Рафајловска, министер за економија.

Вчера демонстрираниот став на пратениците ан НСДП да гласаат за интерпелацијата на Елмази, за Догани е крајно неморално однесување:

-НСДП веќе неколку пати ја напаѓа Владата од зад грб во нејзините најтешки моменти. НСДП е на иста линија и работи со г-динот Црвенковски и со опозицијата.

Очекувавме реакција, велат во НСДП. Потпретседателот на Парламентот Иван Анастасовски вели дека поднесувањето интерпелација е легитимно право иако не гледаат причини за такво нешто:

-Апсолутно тие обвинувања не држат. Не знам на кој начин е неморално. Ако е неморално да гласате за нешто што е констатирано во Анкетната комисија за кое сите ни сугерираат да најдеме индивидуална одгвоорност, тогаш ќе прифатам тоа. Меѓутоа јас тука не гледам неморално однесување.

XS
SM
MD
LG