Линкови за пристапност

Отфрлена интерпелацијата за заменик- министерот Елмази


Елмази „преживеа“. По дводневна испрекината дебата, обвинувања, кавги, навреди, вчера попладне опозицијата не успеа да го надгласа парламентарното мнозинство, со што интерпелацијата за заменик-министерот за внатрешни работи Рефет Елмази не помина.

Комунистичко тесто, војводи, четници. Вака започна вчерашната дебата, по еднодневниот прекин. Имаше се и сешто, а најмалку се зборуваше за темата- одговорноста на Елмази во неодамнешните инциденти во Парламентот.

„Биди внимателен“, му порача Гариб Каба на Андреј Жерновски, кој ја водеше дебатата од страна на поднесувачот на интерпелацијата ЛДП.

- Го знаеме вашето потекло, ги знаеме и вашите дела од минатото. Вие освен раздор, освен дискриминација, освен пресија и потценување на другите, не знаете ништо друго. Ова ви било традиција како во семејството, така продолжувате и во партијата да го практикувате истото.

Игор Ивановски пак, му се обрати на Мендух Тачи, што предизвика уште поголема мешаница:

- Добро е што го гледам претседателот на ДПА г-динот Мендух Тачи во оваа сала, да му честитам што тој вчера успеа по којзнае кој пат да биде и претседател на Владата РМ и претседател на Собранието на РМ.

Квалификацијата дека сум војвода ја сметам за навреда на етничка основа, му одговори Тачи:

-Ако, ќе се согласам, ќе носам чин на војвода, но вие да се прашате господа: Кои сте вие? Мали четничиња. И тоа со градација: водникот Манасиевски, четникот со малата кокарда на главата, стариот водник Радмила Шеќеринска со кокарда на главата, стариот водник прва класа Бранко Црвенковски со кокардата на Шешељ и стариот водник прва класа Глигоров со големата кокарда на Милошевиќ.

Со ваквите истапи Македонија се повеќе тоне во балканската кал, рече лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска:

-ВМРО ДПМНЕ и премиерот Груевски се наоѓа во ситуација да бира меѓу две зла за него. Едното е да ја загрози владината коалиција и да изгласа недоверба на заменик - министерот и другото е уште повеќе да го закопа угледот на РМ. Со неизјаснувањето г-динот премиер, г-динот Никола Груевски всушност придонесува за дополнително уништување на угледот на РМ. Сите овие бесполезни расправии, сите овие испровоцирани кавги од првите луѓе во коалицијата се со единствена цел- да се спаси заменик- министерот за внатрешни работи кој тепаше пратеници и за кој целиот свет бара од нас да го разрешиме.

XS
SM
MD
LG