Линкови за пристапност

Сценаристите и натаму штрајкуваат


Првиот штрајк на пишувачите на сценарија во Холивуд во последните 20-тина години веќе принуди некои телевизиски мрежи да запрат со снимање на нови епизоди на популарни ТВ-шоуа. Некои студија планираат да емитуваат репризи се` додека не биде постигнат договор. Аналитичарите сметаат дека пролонгираниот штрајк би можел да има сериозни последици по забавната индустрија.

Без сценаристите, ТВ-шоута немаат приказна, а актерите немаат реплики. Реј Романо бил сценарист пред да стане ѕвезда во популарната телевизиска серија – Сите го сакаат Рејмонд:

-Девет години работев како сценарист. Знам низ што минуваат. Без нив, јас и останатите глумци само ќе седиме и ќе се гледаме додека трае шоуто.

Поради штрајкот, веќе беа откажани нови снимања. Иако некои популарни серии - комедии и драми имаат доволно снимени епизоди за емитување до крајот на оцој месец, емисиите што се продуцираат секојдневно, како ноќните разговорни шоуа, почнаа да ги чусвтвуваат последиците на штрајкот. Ова е комичарот-водител Дејвид Летерман:

-Ќе биде забавно да видиме како ќе се снајдам самиот.

Штрајкот е последица на неуспешните разговори меѓу продуцентите и Здружението на пишувачи на сценарија за тоа колку последниве треба да бидат платени за продажбата на шоута преку Интернет.

Ова е сценаристот од Холивуд Шон Рајан:

-Компаниите се многу мудри и вешти - ќе најдат начин да профитираат од овој нов начин на водење бизнис. Ние само сакаме да бидеме сигурни дека како некои што придонеле, нема да бидеме отфрлени.

Градоначалникот на Лос Анѓелес Антонио Вињараигоса говори за последиците на штрајкот по градот:

-Ова е главен град на забавата во светот. Околу 225.000 работни места се поврзани со забавната индустрија. Несомнено, штрајкот ќе има големо влијание врз градот.

Џек Кајсер, главен економист во градската управа на Лос Анѓелес вели дека не е погодена само забавната индустрија, туку и придружните дејности:

-Има многу други нешта на кои влијае штрајкот - од опрема за изнајмување, преку возачи на лимузини, и ред други услужни дејности.

Последен пат сценаристите од Холивуд беа во штрајк беше во 1988-ма – точно 22 недели. Властите во Лос Анѓелес наведуваат дека сличен штрајк денес ќе донесе загуба за забавната индустрија од преку милијарда.

XS
SM
MD
LG