Линкови за пристапност

Интерпелација за заменик-министерот за внатрешни работи Елмази


Доколку падне Елмази, можно е да падне и Владата. Со оваа закана од пратеникот на ДПА Ружди Матоши започна расправата по интерпелацијата за заменик- министерот за внатрешни работи Рефет Елмази, што ја поднесе ЛДП во врска со инцидентите во Парламентот од пред два месеци:

- Јас сакам да имам поддршка од сите претставници од владината коалиција во врска со оваа интерпелација. Се разбира, има разни шпекулации, имаме еден партнер во коалицијата кој ќе гласа за оваа интерпелација и е можност можеби и да се урне оваа Влада. Но, ќе видиме како ќе течат работите.

Тој реагираше на најавите од НСДП дека доколку Анкетната комисија предложи политичка одговорност за Елмази, тие ќе гласаат „за“.

Спречивме лошо сценарио, одговори заменик-министерот Елмази од говорницата. Тој за одговорност упати кон неколкумина членови на ДУИ во чии возила било пронајдено оружје:

- Во Парламентот тој ден, ние тоа официјално го имаме како информација, за настаните кои се случија тука, беа присутни луѓе со име и презиме - Ахмет Адеми, Гуши Фаредин, Бурим Јакупи, Алим Јакупи, Шефик Исмаили кај кои е најдено, во возилото што беше покрај Парламентот, оружје и тоа - два калашникови, две други автоматски пушки, 5-6 пиштоли, радио врска. Ние ова го анализираме многу добро. Значи, спречивме едно сценарио кое требаше да биде лошо за Парламентот.

Зборувате за се`, само не за она за што ви е поднесена интерпелацијата, му врати Андреј Жерновски и директно го праша:

- Сакам да ве прашам: Дали вие клоцавте, физички нападнавте пратеник во Собранието на РМ или не го сторивте тоа?

Ако имавте трошка достоинство сами ќе си поднесевте оставка - му се обрати пратеникот од СДСМ Никола Поповски на Елмази, кој не одговори на прашањето на Жерновски.

- Единствениот излез во услови кога тие што се над него - Јанкуловска и Груевски - не најдоа демократски сили да го сменат или да поднесе оставка е Собранието да му изгласа интерпелација. Многу кратко, јасно и едноставно, рече Поповски.

Пратениците на ВМРО - ДПМНЕ не одговорија на повиците на опозицијата да поддржат одговорност за Елмази, бидејќи, како што велат, имиџот на РМ е во нивни раце.

Но, и покрај најавите за поддршка на интерпелацијата од НСДП и од Павле Трајанов како владин коалиционен партнер, без гласовите на ВМРО ДПМНЕ, Елмази најверојатно ќе остане на функцијата. Седницата продолжува денеска кога треба да се гласа, дали заменик-министерот е одговорен за инцидентите во Парламентот од 25 септември?

XS
SM
MD
LG