Линкови за пристапност

Пакистан:  забранет протест на Беназир Буто


Заменик-министерот за информации Тарик Азим кажа дека собирите и протестите се забранети согласно вонредната состојба, како и дека протестот на Буто е забранет и поради нејзина заштита од терористички напад.

Буто претходно најави дека утре од Лахоре ќе замине на неколкудневен протестен караван до Исламабад за да изврши притисок врз претседателот Мушараф да ја укине вонредната ситуација и да се откаже од функцијата армиски шеф. Полицијата веќе ја спречи Буто да учествува на протест во градот Равалпинди во петокот.

Пакистанската опозиција го повика претседателот Первез Мушараф да ја укине вонредната состојба, истакнувајќи дека претстојните парламентарни избори ќе бидат бесмислени ако се одржат под вонредни мерки. Буто смета дека вонредната состојба ќе ја отежни предизборната кампања.

САД ја поздравија одлуката на Мушарав за одржување избори и да се повлече од функцијата армиски шеф, но исто така повикаа укинување на вонредната состојба.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс во неделното интервју за ТВ-мрежата Еј-Би-Си го поздрави планот на Мушараф за парламентарни избори до 9 јануари и одлуката да ја соблече униформата како круцијални чекори за враќање на Пакистан на демократскиот пат, но додаде дека Мушараф треба да ја укине вонредната состојба воведена пред една недела. Рајс кажа дека ситуацијата во Пакистан не е идеална, но дека САД стојат зад земјата како зад пријател и сојузник.

Експертите за глобална безбедност се загрижени дека нестабилноста во Пакистан би можела да резултира во тоа нуклеарното оружје да потпадне во раце на исламските радикали. Бројни американски официјални лица наведуваат дека од вкупно деветте пријавени и непријавени нуклеарни арсенали во светот, ниту еден не предизвикува таква загриженост како пакистанскиот, особено поради што дел од пакистанската територија ја контролираат бунтовници.

Поранешниот амбасадор во ОН Џон Болтон за Си-Ен-Ен изјави дека Пакистан е во мошне опасна ситуација. Тој ја повика американската влада да ја разгледа ситуацијата малку подлабоко од тоа дали во Пакистан се владее демократски, додавајќи дека тој би го ставил обезбедувањето на пакистанското нуклеарно оружје на врвот на американскиот дневен ред.

XS
SM
MD
LG