Линкови за пристапност

Анкетната комисија ги посочи виновниците за инцидентите во Собранието


Садула Дураку, Рафиз Алити, Блерим Беџети, Гариб Каба, Ружди Матоши, Рефет Елмази и Мендух Тачи треба да одговараат за инцидентите и тепачките во Парламентот од 25-ти септември. Ова е заклучокот од повеќенеделната истрага на специјално формираната Анкетна комисија на Собранието, која по серија блокади вчера конечно го усвои извештајот. Но, без претставниците на владејачкото мнозинство. На вчерашното продолжение, седницата ја напушти претставникот на ВМРО - ДПМНЕ Трајко Велјановски, поради, како што рече, непочитувањето на договорот од страна на опозицијата, која е мнозинство во Комисијата:

- Зошто е напуштен договорениот принцип висок степен на усогласеност, а го прифатија начинот на надгласување во Анкетната комисија, не водејќи сметка дека со тој принцип на надгласување тоа може да се префрли на пленарната седница, што не е добро за сите во РМ.

Претходно од Комисијата си замина и претставникот на ДПА Агим Рамадани, бидејќи не се согласуваше со тоа заменик- министерот за внатрешни работи Елмази да биде посочен како директен виновник за инцидентите, туку да се наведе дека имало впечаток дека е одговорен во случајот со пратеникот на ДУИ Азиз Положани.

Претседателот на Комисијата Стојан Андов е задоволен што по еден месец заседавања и натегања извештајот конечно е подготвен. Но, незадоволен е од тоа како е тој донесен:

- Можеше да се постигне многу повисок степен на усогласеност, доколку меѓу членовите имаше малку повеќе меѓусебно разбирање.

Да се бара одговорност од заменик министерот Рефет Елмазаи, но не и раководна одговорност од лидерите на ДУИ и ДПА за инцидентите - вака стои во извештајот што сега треба да се најде на пленарна седница на Парламентот. Опозицијата вчера отфрлила, за нападот врз новинарот на А1, освен од Беќир Асани, одговорност да се бара и од Екрем Дардишта и тројцата телохранители на Али Ахемти. Владејачките партии инсистираа на одговорност и на лидерот на ДУИ затоа што не влијаел за спречување на есклацијата ан настаните, кои започнаа со физички напади во салата, потоа со упадот на лидерот на ДПА Тачи на координативниот состанок, а завршија со масовна тепачка пред главниот собраниски влез.

Доколку извештајот биде прифатен, виновниците ќе бидат казнети со парични казни.

XS
SM
MD
LG