Линкови за пристапност

Реакции по полициската акција во Бродец


Изрешетани куќи, оружје, траги од крв. Ваква е денешната слика на тетовското село Бродец, еден ден по акцијата „Планинска бура“ на македонската полиција. Криминалните групи биле сконцентрирани во селската џамија и во неколку куќи во селото, велат од полицијата. На овие локации било запленето и оружјето -пешадиско, тешки митралези, ракетни фрлачи, противракетни мини.

Специјалните полициски единици тврдат дека при вчерашната акција немало спонтан отпор, туку отрганизирана одбрана, за што сведочи и специјалното возило што ги снабдувало криминалците со муниција на борбените позиции.

Ден по акцијата, полицијата обелоденува дека таа започнала во 4 часот утрото од реонот над Бродец, а завршила кај џамијата во селото околу пладне. Локалните жители, според полицијата, признале дека во селото веќе четири месеци имало вооружени униформирани лица.

Шестмина убиени е билансот од полициската акција во Бродец. Двајца биле пронајдени кај селскиот водовод, а четворица во штала. Потврдено е дека еден од загинатите е Рамадан Шити, кој заедно со Лирим Јакупи пред извесно време избега од косовскиот затвор Дубрава. За Јакупи се претпоставува дека е во бегство. Телата на загинатите се однесени во Бутел на идентификација кеде ќе се врши и обдукција.

Полицијата привела 12 до 15 лица кои се дел од криминалната група во која членувале лица од Македонија, Косово и Албанија. Во Ургентниот центар во Скопје биле донесени 11-мина повредени, на возраст од 20 до 40 години. Еден од нив е полицаец кој имал повреди на нозете од шрапнели. Седуммина се задржани на лекување во болницата од кои еден е во сериозна состојба.

Критики за триумфализам на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска - ова се денешните реакции на опозицијата на акцијата во Бродец.

За нив не е спорна акцијата и бараат таквите да продолжат до сузбивање на сите останати:

- Искусен политичар, додека не ги има сите информации, не може да излезе со триумфална изјава дека ова е најдобра полициска операција во изминатите 16 години. Што ќе биде, ако наместо четворица криминалци, екстремисти или терористи, има осум жртви од кои четворица ќе бидат цивили, вели Владо Бучковски?

- Ова е почеток на работите. На територијата на РМ функционираат уште неколку групи во сличен формат, коментираше Јован Манасиевски.

Врвна професионална акција - е оценката на владејачките партии:

- На сите луѓе во оваа држава им е доста од нестабилност, рекетирање и беззаконие. Затоа добро е што се задржа присебноста, добро е што се сфати дека акциите на полицијата не се насочени кон никого, само против криминалците, вели Влатко Ѓорчев.

- Навистина во овој момент јакнат државните институции, дека институциите ја преземаат работата во свои раце и во една коориднирана акција со факторите од другата страна, КФОР од кај Косово, вроди со многу ефектна акција. Мислам дека е за поздравување – смета Тито Петковски.

За ДУИ пак, акцијата била претерана, со што во опасност било доведено локалното население:

- Според нашите информации, нашите анализи, со тоа ниво на ангажирање на силите сметавме и сметаме дека е преголема и преширока. Една мала група, колку и да има оружје, таа е неефикасна поради малата бројност. Сепак, најбитно за нас е да нема последици по цивилното население, да нема жртви од нивна страна, изјави денеска во Парламентот лидерот на партијата Али Ахмети.

XS
SM
MD
LG