Линкови за пристапност

Полицијата и натаму трага по избеганите од вчерашната акција во тетовско


Убиени се 6 припадници на вооружената група предводена од Лирим Јакупи – Нацист, кој пред неколку месеци избега од затворот Дубрава на Косово.

Нема информации кои се убиените и повредени лица. Полицијата и понатаму трага по оние кои избегале, јави МВР. Операцијата „Планинска бура“ беше успешна и неутрализирани се екстремистичко криминалните групи, изјави министерката за внатрешни работи, која оваа акција ја оцени како професионална и без колатерални последици врз цивилното население:

- При обидот за нивно приведување, од страна на вооружената група од повеќе позиции беше отворен оган кон припадниците на полицијата, а од страна на полицијата е возвратено на огнот, по што припадниците на вооружената група се вдале во бегство, изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Акцијата ја доби поддршката на владината ДПА како акција која придонесува за зголемување на стабилноста на регионот пред решавањето на финалниот статус на Косово. Со реакција за акцијата на полицијата истапи и опозиционата ДУИ,. Тие, пак, ја осудија владината коалиција. Ставот на ДУИ го пренесе градоначалникот на Тетово Хазби Лика:

- Демократската унија за интеграција изразува загриженост поради денешната интервенција на специјалните полициски сили во шарпланинските предели околу Тетово. Во исто време, ги осудуваме денешните упади во домовите на поранешните припадници на ОНА и нивното притворање во неколу населби со етнички-албанско население во Скопје. Одговорни за ситуацијата која што се создава во земјата се партнерите во владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ И ДПА, изјави градоначалникот на Тетово и член на претседателството на ДУИ Хазби Лика.

Во селата на Шар Планина каде беше извршена вчерашната акција на терен излезе и истражниот судија. На медиумите до завршувањето на работата на судијата не им беше дозволено да влезат на теренот и да стапат во контакт со локалното население во селото Бродец, каде се одвивал најголемиот дел од акцијата.

XS
SM
MD
LG