Линкови за пристапност

Рајс импресионирана од сериозноста на Израелците  и Палестинците


Кондолиза Рајс и Махмуд Абас одржаа десетина средби годинава, но на ниту една не изразија толку оптимизам како за време на последната средба во Рамалах.

Рајс, која одржа разговори и со израелските лидери во неделата, рече дека изрелските и палестинските преговарачи ги приближиле ставовите кои можат да ги подобрат шансите за успех на претстојната конференција за Блискиот исток, планирана да се одржи во Анаполис, Мериленд, подоцна месецов:

-Дозволете ми да кажам дека сум исклучително импресионирана од сериозноста кај двете страни. Бев импресионирана синоќа по разговорите со премиерот Ехуд Олмерт кој има јасна порака дека го гледа Анаполис како место од каде треба да почнат преговорите за сите преостанати прашања и ја поздравувам неговата позитивна реакција.

Зборувајќи на форум за Блискиот исток во неделата, израелскиот премиер Ехуд Олмерт изјави дека верува оти може да има вистински напредок во правец на основање палестинска држава за време на преостаната година од мандатот на администрацијата на претседателот Буш. Израелските извештаи јавуваат дека Олмерт ја разгледува можноста и за ослободување на преку 2000 палестински затвореници пред одржувањето на самитот во Анаполис – нешто што одамна бараат Палестинците од него.

На заедничка прес-конфренција во Рамалах, Абас изјави дека е охрабрен.

Палестинскиот претседател вели дека охрабрувачките чекори од Американците и Израелците го прават оптимист дека и покрај претстојните тешки преговори, Палестинците еден ден ќе живеат самостојно, и ќе бидат соседи на Израел.

Блиски советници до Абас истакнаа дека Палестинците добиле уверување од американските дипломати дека прашањата од таканаречениот финален статус – судбината на Ерусалим, бегалците и границите, ќе бидат тема на дискусии што ќе уследат по конференцијата во Анаполис.

XS
SM
MD
LG