Линкови за пристапност

Разговорите околу името ќе продолжат со нацрт-рамка


По преку два часа преговори меѓу Република Македонија и Грција во Њујорк, посредникот на ОН Метју Нимиц излезе со изјава дека на обете земји им дал предлози во форма на нацрт-рамка, да ја разгледаат како основа за чесно и праведно решение:

-Не дадов предлог за конкретно име, туку предлози за критериумите по кои може да биде разрешен спорот околу името, елаборираше Нимиц на новинарско прашање дали имало нов предлог за името.

Преговарачите според Нимиц сега ќе ги достават предлозите до своите влади на натамошно рагзледување. Тој најави дека ќе ги посети и Скопје и Атина за натамошни консултации, а кажа и дека навременото решавање на спорот е од интерес не само за добрососедските односи меѓу Македонија и Грцја, туку и за регионалниот мир и стабилност. Дискусијата во рамки на ОН ќе продолжи за да се најде решение, рече Нимиц, но не даде точна временска одредница, само коментирајќи – треба интензивно да работиме во наредните неколку месеци.

Македонскиот преговарач Никола Димитров кажа дека двете држави во основа останале на своите позиции, но дека од македонска страна било потенцирано:

- Македонија не смее да биде доведена во позиција на избор меѓу членство во НАТО и уставното име, бидејќи тоа за Македонија не е избор.

Димитров вака ги опиша сугестиите на Метју Нимиц на состанокот:

- Даде предлог-сугестии не во однос на предлог или име, меѓутоа на некои елементи врз основа на кои ќе се дојде до такво нешто по извесно време. Тајмингот не е дефиниран. Дел од елементите се компатибилни со нашите интереси и нашата позиција, дел од елементите се проблематични, и веројатно слично на тоа ќе бидат и перспективата и погледите на Атина.

Неговиот колега Адамантиос Василакис пред средбата кусо изјави дека сега Македонија е на потег:

- Сторивме многу напори. Се надеваме дека другата страна ќе ги разбере сите чекори што ги преземавме и сега е нивен ред да сторат некаков вид на чекори, на позитивен начин и од корист за обете земји.

XS
SM
MD
LG