Линкови за пристапност

Турција најави економски санкции кон курдските бунтовници


Турскиот министер за надворешни работи Али Бабакан одби да ја појасни содржината на новите санкции, но за време на прес конференцијата во Анкара изјави дека Турција нема намера да нанесе потешкотии за цивилното население во Турција и Ирак.

Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс денеска во Турција се очекува да се сретне со владини претставници, додека турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на 5-ти ноември ќе допатува во Вашингтон на разговори со претседателот Џорџ Буш.

Американскиот претседател изјави дека со нетрпение ја очекува средбата и со господинот Ердоган ќе разговара за начините на соработка меѓу САД и Турција, со цел спречување на нападите на курдските бунтовници врз турските сили.

Претходно, Ердоган изјави дека санкциите што турскиот кабинет ги одобри во средата, се уште не се на сила. Тој воедно го порекна извештајот дека како дел од најновите мерки, Турција го затворила својот воздушен простор за летови кон и од северен Ирак.

Во меѓувреме, министри за надворешни работи и претставници од Ирак, неговите соседи и меѓународните веле сили, вклучувајќи ги и САД, се среќаваат во Истамбул на разговори за тоа како да се подобри и стабилизира ситуацијата во Ирак.

Ирачките претставници порачаа дека приоритет на овонеделната регионална конференција мора да биде ирачката безбедност наместо пограничните тензии со Турција. Сепак, според најавите, прашањето со Курдската работничка партија најверојатно ќе доминира на агендата.

САД во меѓувреме ја повикуваат Турција да се воздржи од евентуални напади. Турските претставници додаваат дека нема да се донесе никаква одлука за акција во северен Ирак се до понеделник, кога премиерот Ердоган ќе се сретне со претседателот Буш.

XS
SM
MD
LG