Повеќето од кандидатите за претседател од редовите на Демократската партија искажаа силни обвинувања на адреса на водечкиот демократски кандидат Хилари Клинтон за време на телевизиската дебата во Филаделфија, сојузната американска држава Пенсилванија.
Сенаторот од Илиноис Барак Обама ја обвини Клинтон - поранешна прва дама на САД и актуелен сенатор од Њујорк - за промена на нејзините позиции согласно политичкиот момент.
Поренешниот сенатор од Северна Каролина Џон Едвардс ја опиша Клинтон како личност со различни одговори на исто прашање и како типичен политичар од вашингтонските кругови. Сенаторот од Конектикат Кристофер Дод посочи на неодамнешни анкети што го креваат прашањето дали треба да се гласа за неа.
Клинтон ги бранеше ставовите, особено нејзиното неодамнешно гласање за резолуцијата со која Иранската револуционерна гарда се окарактеризира како терористичка група. Таа рече дека е против брзање во војна со Иран и наместо тоа препорача енергична дипломатија и економски санкции.