Линкови за пристапност

ЗЕЛС расправаше за Одлуката на Уставниот суд


Градоначалниците - Албанци нема да ја почитуваат одлуката на Уставниот суд со која се ограничува употребата на знамињата на етничките заедници во општините каде тие се мнозинство. Ова го соопшти потпретседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и градоначалник на Гостивар Невзат Бејта, по вонредната седница на Бордот на ЗЕЛС:

- Првпат се случува на Бордот на ЗЕЛС да се стави на дневен ред одлука на Уставниот суд. Ние како градоначалници - Албанци ги информиравме нашите колеги - Македонци, бидејќи одборот се состои од сите политички партии, да влијаат и тие. Тие ни дадоа поддршка дека одлуката на Уставниот суд е политичка, антидемократска и противуставна, против Охридскиот договор и против сите Албанци. Ние нема да го смениме нашиот став, и оваа одлука нема да ја спроведуваме, и понатаму албанското знаме ќе биде на јарболите пред општините.

Изјавата на Бејта предизвика реакција кај раководството на ЗЕЛС. Градоначалникот на скопски Карпош и претседател на ЗЕЛС Андреј Петров со спротивен став - одлуката на Уставниот суд мора да се почитува:

- Па, нема што, тоа е Устав. Секој во оваа држава кој е избран на функција треба да го почитува Уставот. Се знае дека градоначалникот е првиот во општината што треба да го почитува Уставот.

Вчера и третиот политички субјект на етничките Албанци во Македонија - ПДП -повика судиите на Уставниот суд да си поднесат оставки. По оваа одлука, овој состав на судот го загуби моралниот кредибилитет, вели лидерот на ПДП Абдулади Вејсели, кој најави иницијатива за донесување нов закон за употреба на знамињата.

Иако жешка, оваа тема не била дел од вчерашната лидерска средба. Премиерот Никола Груевски беше без коментар, а лидерката на СДСМ Радмила Шеќеринска рече дека темата била спомената, но поради комплексноста не се разговарало за неа:

- Беше споменато дека таа е крупна тема, јас реков се согласувам. Не треба оваа работа дополнително да се политизира. Треба да најдеме решение, треба да испратиме порака во јавноста дека на оваа тема партиите сакаат да најдат решение, меѓутоа сепак се одлучи да се работи на другите две точки.

XS
SM
MD
LG