Израелските сили убиле вкупно тројца Палестинци во Појасот Газа за време на операции против милитанти кои стрелале со проектили врз израелска територија.
Израелски војници убиле припадник на Хамас утринава во јужниот дел на Газа. Израелски копнени сили поддржани од авијација убиле двајца Палестинци во близина на градот Беит Ханун во северниот дел на Газа, од кои едниот бил од Хамас. Притоа биле повредени неколкумина Палестинци.
Израел вчера започна со намалување на доставата на гориво до Газа и планира во наредните денови да ја скрати и доставата на електрична енергија. Израелски официјални лица велат дека мерките се со цел да се изврши притисок врз припадниците на Хамас, кои раководат со територијата, да ги запрат ракетните напади.
Комесарот за надворешни работи на Европската Унија за време на денешната посета на Ерусалим изјави дека ја разбира растревоженоста во Израел предизвикана од проектилите. Сепак, Бенита Фереро-Валднер додаде дека одговорот не треба да биде, цитираме, „колективно казнување“ на Палестинците во Газа.