ОН ги повикаа авганистанските милитанти и криминалци да прекинат со нападите врз хуманитарни работници и да овозможат безбедно минување на хуманитарните конвои.
Шефот на мисијата на ОН во Авганистан Том Конигс денес соопшти дека годинава биле убиени 34 хуманитарни работници додека ја вршеле својата работа. Тој рече дека бунтовниците и криминалните банди во Авганистан киднапирале десетици хуманитарни работници и нападнале или ограбиле 55 конвои што пренесувале помош.
Мнозинството хуманитарни работници кои биле мета на нападите се авганистански државјани.
Директорот на Програмата за храна на ОН за Авганистан Рик Корсино вели дека драматичниот пораст на напади врз конвоите со храна значи дека агенцијата во рок од над еден месец не била во можност да достави намирници меѓу јужниот град Кандахар и Херат во западен Авганистан.